Лицата со висок потенцијал имаат предиспозиции за тоа да бидат успешни како на академско ниво, така и во бизнисот. Тие на лесен начин се истакнуваат во нивната област на работа и честопати предизвикуваат восхит кај другите луѓе. Турбулентноста во бизнис опкружувањето, променливата природа на бизнисите и пазарот на трудот, придонесуваат да се јави потребата за нивно изнаоѓање и задржување од страна на компаниите. Променливата природа на работата и бизнис опкружувањето помеѓу другите нешта значи и дека техничката експертиза и високо развиените интелектуалните компетенции веќе не се доволни за успех и за брзо искачување по лизгавите скали на хиерархијата во организацијата.
Компанијата Deloitte, 2020г. ја објави својата публикација од спроведеното истражување чија цел била да се утврдат разликите помеѓу луѓето кои брзо напредувале до менаџерските позиции и оние чие темпо било поумерено во постигнувањето на таа цел. Во нивното истражување биле опфатени 800 испитаници кои биле на сениорски позиции и поделени во две групи врз основа на временскиот период за време на кој успеале да ги достигнат тие позиции. Во првата група биле оние кои успеале да достигнат на менаџерска позиција за помалку од 9 години, а втората група ја сочинувале лица кои својата позиција ја достигнале за повеќе од 9 години од различна област на дејности: финансии, операции, продажба, инжинерство и сл. На овие лица им била зададена батерија на инструменти за мерење на нивните психолошки карактеристики, како што се цртите на личност и способностите за да се утврди што е тоа што ги прави sвезди во споредба со останатите.
Резултатите од истражувањето покажале дека клучните разлики помеѓу нив и нивните колеги се состоеле првично во нивната висока екстровертност, отвореност кон нови искуства и високата отпорност за време на силен притисок и промени. Во односите со другите луѓе тие комуницираат на начин кон ќе им овозможи да градат трајни врски со останатите луѓе и со висока свесност за сопствените емоции. Поседуваат висока самодоверба и се отворени кон поставување на нови цели и превземање на нови акции за реализација на тие цели, а притоа се доста флексибилни личности кои не заглавуваат со тоа да го трошат времето во нешта кои не можат да ги променат.
Овие нивни карактеристики го зголемуваат нивниот сензибилитет за работа со луѓе кои доаѓаат од култури кои се различни од нивната и интересот да ги согледаат туѓите перспективи. Имаат одлично бизнис знаење и одлично познавање на производите и услугите кои ги нудат. Во работната околина ги прифаќаат предизвиците, па така, подготвени се да работат на проекти надвор од земјата во која живеат, што е мошне важно во денешните глобалистички трендови. Подготвени се да постигнат успех и посветени се на успехот на организацијата во која работат. Тие поседуваат високо ниво на интегритет и секогаш ја кажуваат вистината без оглед на последиците. Ваквите личности се насочени кон учење и личен развој и постојано бараат можности за да учат нови работи кои не ги знаеле претходно и да бараат фидбек кој им служи за промена на нивното однесување. Тие се отворени за критика и според тоа помалку се плашат да направат грешка и да превземаат ризици.
Иако аналитичките способности биле подеднакво развиени кај испитаниците од двете групи, оние кои припаѓале во групата која напредувала побрзо, имале покреативен пристап кон решавањето на проблемите. Нивната додатна вредност се состои во тоа што тие не држат строго до веќе утврдените методи на решавање на проблемите и успеваат ситуацијата да ја разгледаат од различни агли и да ја увидат поголемата слика. Способностите во идентификувањето на најважните делови при решавањето на сложени проблеми им се истотака високи. Нивната иновативност и претприемливост им овозможила да ги следат потребите на нивните клиенти и да креираат нови услуги и решенија, а со тоа компаниите во кои работат да стануваат сe` поуспешни и да опстанат на пазарот.
Кога станува збор за вработливоста на луѓето, знаењето за тоа што треба да се направи и вештината како да се направи тоа несомнено се важни и ќе останат важни. Но кога станува збор за личниот напредок и напредокот на организацијата ваквото знаење не е доволно доколку не е поткрепено со високо развиени интраперсонални, интерперсонални вештини и отвореност кон нови искуства и промени. Токму овие вештини се клучни во тоа да се биде и да се има вредност во компанијата, издигнатост над просекот и да се одржи својата атрактивност на пазарот на трудот. Добрата вест во тоа е дека на тие вештини може да се работи и тие да се подобруваат кај личностите кои се амбициозни, имаат висок мотив за постигнување и потреба за лична самореализација.