Без разлика дали прв пат доаѓаме на интервју за работа или не, можеме да се соочиме со непријатни симптоми кои може да ни попречат да се покажеме во најдобро светло. Симптомите може да се манифестираат во облик на: срцебиење, негативни мисли, потење на дланките, чувство на немање контола, треперење на глас, страв и слично. Ова се знаци дека се соочуваме со состојба на анксиозност. Анксиозност во ваква ситуација може да доживее секој од нас, па дури и најсамоуверените кандидати со долгогодишно искуство. „Да се биде вознемирен при одење на интервју е сосема нормално“, објаснува Шарлот Бул, клинички психолог во Институтот за Шема терапија во Австралија.
Средбата со непозната личност која има авторитативна позиција и самата помисла дека можно е да бидеме осудувани од неа, кога зборуваме за себе, за тоа како изгледаме физички и како се претставуваме, може да игра голема улога во појавата на анксиозност. Анксиозност на интервјуто може да постои сама по себе или да биде поврзана со генерализирана анксиозност или социјално анксиозно растројство. Што се однесува до полот и нејзината појава, Универзитетот во Торонто Скарборо и Универзитетот во Западен Онтарио од Канада, заеднички спровеле истражување и дошле до заклучок дека „Теоријата за справување со анксиозноста поврзана со полот (SCT) сугерира дека анксиозноста треба посилно да се однесува на перформансите кај мажите отколку кај жените.“
Како може да си помогнеме?
Прво, можеме да направиме техника за приземјување, со затворање на очите и длабоко дишење, исто така помага добрата подготвеност со информации за компанијата и за позицијата за која аплицираме. Кога сме подготвени и добро изгледаме, самодовербата ни е на повисоко ниво. Понекогаш, помага рационализација на нашите стравови, според когнитивната бихејвиорална терапија (КБТ), самата ситуација не ни предизвикува анксиозност, туку нашата перцепција за неа. Доколку пробаме негативните мисли да ги замениме со позитивни и да си дадеме поддршка, самодовербата може да се зголеми.
Како и ментално-когнитивната состојба, така и телесниот говор може да влијае во намалување на анксиозност, доколку го поставиме телото исправено и во поза на супермен (градите напред и рацете на половина, попратно со визуализација дека ние ја имаме контолата) пред интервјуто, веднаш изгледаме посигурно и попозитивно.
И за крај, не заборавјте дека како што вас ве избираат како кандидат, така и вие избирате дали би работеле во компанијата за која аплицирате. Доколку се соочувате со анксиозност, пробајте да спроведете некоја од горенаведените техники и со среќа.