Интерeси и хоби. Зошто треба да бидат вклучени во Вашата професионална биографија?
Кога се работи за пишувањето на професионалната биографија, познато е дека се важни податоците кои укажуваат на тоа дека кандидатот ги поседува релевантните атрибути за позицијата за која аплицира. Во контекст на тоа, податоците за Вашите интереси и хоби, можеби не се првото и најважното нешто кое треба да се вметне, но тие се сепак особено важни во процесот кој води до вработување. Тие се податоци кои и тоа како можат да ги поддржат останатите во Вашата биографија и да Ве истакнат од другите кандидати во процесот на селекција. Тоа е особено важно особено aко немате работно искуство или тоа работно искуство е недоволно за позицијата за која конкурирате. Некои регрутери сметаат дека е добро да ги имате овие податоци, затоа што на тој начин ја пројавувате својата личност и тие кажуваат за Вас кои сте Вие надвор од работата и дали ќе можете да се вклопите во нивниот тим. Освен тоа, тие ги прикажуваат Вашите дополнителни вештини кои ги поседувате, како и областите за кои сакате да учите и понатаму да се развивате.
Постојат неколку ситуации во кои е особено препорачливо да ги вклучите Вашите хоби и интереси во резимето:
- Доколку имате недоволно вештини за позицијата за која аплицирате;
- Имате мало или недоволно работно искуство;
- Немате доволно образование за посакуваната позиција;
- Самата компанија бара да бидат наведени во професионалната биографија;
- Компанијата е во потрага по кандидати со уникатни вештини;
- Работните вештини кои се барани во огласите за вработување се соодветни на вештините кои се потребни во Вашето хоби.
Сепак и во самото пишување постојат одредени правила кои е потребно да се следат во однос на тоа:
Првиот чекор кој треба да се превземе е тоа добро да ја истражите компаниската култура. Добро погледнете го огласот за вработување и утврдете кои црти на личност се бараат кај кандидатите. Потоа, посетете го Веб сајтот на компанијата и обидете се да ја утврдите нејзината постоечка организациска култура и посетете ја компанијата на социјалните мрежи.
Изберете интереси и хобија кои се соодветни на посакуваните карактеристики на личност. Кога еднаш ќе Ви стане јасно што бара компанијата од аспект на црти на личност и вештини, изберете неколку интереси кои се најсоодветни на нив. На пр. доколку во огласот е наведено дека е исклучително важно кандидатите да бидат добри тимски играчи, вклучете во Вашата биографија интерес за спорт кој ќе покаже дека имате интерес кон тоа да се вклучите и уживате во активности кои се тимски.
Вклучете активности кои ги истакнуваат Вашите вештини, особено ако немате доволно работно искуство. Пр. Доколку аплицирате за работна позиција Копирајтер, но имате мало искуство можете да вметнете дека веќе пишувате блог или магазин во Вашето слободно време.
Ставете посебна секција во Вашата биографија за хоби и интереси.
Вметнете до 5 интереси или хоби кои се поврзани со работното место за кое аплицирате.
Што не треба да е вклучено во Вашата професионална биографија?
Во делот на хоби и интереси треба да се избегнува да се наведе следново:
Интереси кои се премногу општи или нејасни;
Интереси или хоби кои што можат да бидат опасни или илегални;
Интереси или хоби во кои не сте навистина вклучени;
Интереси или хоби кои се поврзани со партиска или религиска припадност.
Бидете искрени кога ги пишувате Вашите хобија и интереси во професионалната биографија!
Доколку немате вистински интереси или не го практикувате одредено хоби, немојте да го пишувате тоа во професионалната биографија само затоа што сакате да го импресионирате менаџментот. Доколку бидете повикани на разговор, голема е веројатноста да бидете подетално распрашани во врска со тоа и регрутерот ќе сака да чуе нешто повеќе за нив. Освен тоа, колку во моментот да ни е потребна работа, сепак, првата можност која ќе ни се пружи, не е идентична со вистинската можност за нас. Постои разлика помеѓу наоѓањето на било каква работа и работа во која би постигнале професионална реализација, преку придонес за растoт на компанијата во која сте вработени.