Со првото отварање на очите кога се будиме, нашиот ден го почнуваме со одредени предизвици на кои не им придаваме големо значење, како на пример дали сме станале на време, дополнителните рутински обврски, хаотичниот сообраќај на пат кон работата, првото испиено кафе кое ни го забрзува ритамот, ние не воочуваме дека веќе сме под некакво влијание на стрес кога пристигнуваме на работа. Можеби ќе бидете изненадени колку едно вакво утро може да влијае на вашето моментално расположение и состојба.
Стресот вклучува аларм во мозокот, кој реагира со подготовка на телото за одбранбена акција. Нервниот систем се тригерира и се ослободуваат хормони кои ги заоструваат сетилата, го забрзуваат пулсот, го продлабочуваат дишењето и ги затегнуваат мускулите. Оваа реакција (на борба или бегство) е важна бидејќи ни помага да се одбраниме од алармантни ситуации. Таа е биолошко програмирана состојба на човекот, што значи дека сите ние реагираме на ист начин, без разлика дали причинителот на таа состојба е предизвикана на работното место или дома.
Во текот на нашата еволутивна историја, луѓето го развивале овој одбрамбен механизам (страв) за да се заштитат од опасности во нивната околина. На пример, тој побрз пулс и напнати мускули би им помогнале да избегаат од предаторите. Во модерната ера, стравот има важна функција, во случај кога имаме потреба од fight or flight или „бори се или бегај“, бидејќи истиот може да ја обезбеди потребната енергија за да можеме да се справиме со стресните фактори.
Работниот стрес рефлектира штетни физички, психички и емоционални последици врз човековото битие, на пример кога барањата на работното место не се совпаѓа со капацитетот, способностите, ресурсите или потребите на работникот. Но, што се случува доколку секој ден наидувате на вакви алармирачки ситуации на работа? Ваквата хронична стресна состојба може да доведе до психолошки синдром познат како исцрпеност или burnout. Сигналите кои треба да ги регистираме пред да додјдеме до оваа состојба се: депресија, губење на самопочит и самодоверба, мрзеливост, огромна истоштеност, цинизам и чувство на неефикасност.
Некои од факторите кои што најмногу влијаат се: долги часови на работното место, голем број на обврски и барања, несигурност во извршување на обврските на работното место, конфликти со колегите или надлежните итн.
Начини на кои можеме да го редуцираме или менаџираме стресот се следниве:
· Следење на изворот кој го предизвикува стресот и развивање на здрави реакции на истиот
· Барање поддршка од семејството, пријателите и колегите со кои соработувавме
· Поставување на здрави граници и навики кои нема да ни дозволат да дојдеме до прегорување
· Земање време за одмор и посветување внимание на квалитетно спиење
· Грижа за себе – во ова се вклучени физичка, психичка, емоционална, здравствена итн
· Разговор со надлежните за работите кои ве тригерираат
· Испробување на техники за опуштање и приземјување
· Слушање на релаксирачка музика по пат, пред и после работа
· Избегнување на било каков конфликт
Ова се само еден дел од предлозите кои можат да ви се најдат и да ви помогнат во еден таков процес.
А што се однесува со тебе драг читателу, пробај да си го најдеш соодветното решение кое тебе ти одговара и ти дава чувство на смиреност. Попатно на тоа, те охрабрувам да си дадеш шанса да испробаш некој нов начин за редуцирање на стресот. Можеби ќе се изненадиш од исходот.