За да биде една компанија успешна, важно е да функционира со цел која е заедничка на сите вработени, да се грижи за секоја карика од ланецот и да се стреми кон иновативност.
Токму тоа го докажуваат компаниите кои се најдоа највисоко на листите на „LinkedIn“ за најбарани и најважни компании во 2017-та година.
Повеќето од тие компании кои котираат високо на листата се брендови кои ни се добро познати на сите, без кои речиси и да не можеме да живееме, бидејќи се комплетно „вградени“ во нашето секојдневно функционирање. Бреднови за кои, ако би работеле би се гордееле да кажеме дека сме дел од нив.
„Сè е околу брендовите. Емотивно сме врзани за нив. Луѓето ширум целиот свет веднаш ги препознаваат овие имиња, а работењето за нив е причина за фалење на многу луѓе. Имаат некој посебен „кул“ фактор кој функционира како беџ на честа во било која социјална и општествена средина“ – вели маркетинг гуруто Гери Вејнерчук.
Од таа причина секоја компанија треба да се стреми кон тоа да биде препознаена како бренд во околината каде дејствува.
Луѓето се далеку посигурни кога работат за познат, етаблиран бренд, бидејќи знаат дека компанијата има доволно средства и ресурси за лично да се развиваат и да напредуваат на професионален план.
Но, тоа една компанија да биде препознаена како бренд, не е доволно за да биде успешна, туку постојат низа фактори кои треба да бидат „штиклирани на листата“.
Компаниите не размислувааат само за работата, туку и за животот надвор од неа. Пример, некои компании како „Adobe“ на своите вработени им нудат време за одмор.
Не се мисли на оној законски пропишаниот годишен одмор, туку на одмор за релаксација од работата откако ќе исполнат одреден број на години во компанијата. Пример, после 5 години добиваат по 4 недели за одмор, а ако работеле над 10 години и до 6 недели платен одмор.
Препознаениот талент на вработените се негува и почитува. Менаџментот не се казнува за направените грешки, туку за стравот да се обидат да направат нешто ново, бидејќи повеќе од јасно е дека луѓето сакаат предизвици.
„Фундаментален дел од вредносниот систем на милениумската генерација е да бидат дел од работи кои значат нешто, кои укажуваат на храброст и се предизвикувачки“ – вели советникот на лидери од Силициумската Долина, Лиз Вајзман.
Компаниите кои котираат високо на листата се ангажираат за решавање на големите животни проблеми и функционираат под менталитетот „не се откажуваме од иновативноста“, а токму тоа прави да делуваат предизвикувачки за своите вработени.
„Повеќе не е цел да работите за компанија, туку да бидете дел од нешто поголемо. Повеќето од компаниите не се само бизниси, туку функционираат како движење, динамични се и револуционерни“ – вели експертот Ал Рамадан, кој објаснува како функционираат компаниите кои доминираат на глобално ниво.
Она што може да се заклучи е дека компаниите кои се добро познати и целат повисоко од другите, го привлекуваат и најдобриот и најквалитетниот талент.
Извор: LinkedIn