Оваа недела имаме чест да се запознаеме со Александар, кој е млад ентузијаст за регрутирање на млади таленти во ИТ секторот. Нашата цел со овој разговор е запознавање со процесот кој го работи, надвор од нашата држава и со што се се соочува попатно.
Александар, кажи ми нешто повеќе за тебе?
Александар Стојмановски, скопјанец во своите 30-ти, кој работи со регрутација за ИТ компании повеќе од 6 години. Имам работено од продавач, до шанкер, до градежник па и машиновозач, за после мојата магистратура по менаџмент на човечки ресурси да се фокусирам во овој сектор. Во моментов работам за компанија во Берлин и се фокусирам на регрутација и селекција на технички работни позиции како Software Engineering, Data Science, Machine Learning итн...
Во слободно време сакам да пишувам и снимам бум бап рапови, член сум на бендот Зад Аголот под псевдонимот Аце КН.
Што најмногу ти се допаѓа во твојата моментална работа, а што не?
Најмногу ми се допаѓа фактот што поврзувам екстремно интелигентни професионалци со иновативни компании, кои на долга стаза ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, како и одржување на балансот меѓу природата и конзумеризмот (обожавам да работам за компании во climate tech / health tech просторот). Не ми се допаѓа што развојот на технологиите како вештачка интелигенција има приоритет во маркетинг и финансискиот сектор, наспроти во горенаведените сектори.
Која е причината што те натера да побараш работа надвор од Македонија?
Имав отворена понуда за работа во Берлин, искрено не се трудев толку да барам работа надвор, бидејќи денешните услови овозможуваат да заработуваш исто, ако не и повеќе и од својот дом во “remote” средина. Одлучив да дадам шанса и да излезам од комфорт зоната, но искрено нема поубаво чувство од тоа да си меѓу своите луѓе дома. За иднината, не се врзувам дека фиксно би останал во Берлин, напротив – би го задржал Скопје како база и би патувал на разни места работејќи “remote”.
Работиш како ХР регрутер во Берлин, Германија, со кои предизвици се соочуваш секојдневно?
Пред се’, ако сте екстроверт како мене и имате голем круг на луѓе дома, социјалното адаптирање е најтешко. Плус, германската култура на работа е сосема различна од тоа на што сме навикнати, па оттаму треба да се “асимилирате” на нивниот начин, како и да го проучите нивниот ИТ екосистем. Покрај овие работни предизвици, наоѓање живеалиште е екстремно тешка задача, како и учењето на германскиот јазик.
Како влијаеше короната на твојата работа? Што се промени, а што не?
Се промени културата на работното место, т.е. работата од дома – принцип кој бара многу доверба помеѓу работодавачите и вработените, па оттаму тој принцип има свои добри и лоши страни. Добро е што можете да работите од било каде и да има резултати, негативно е што влијае на “work-life balance” и немате во живо комуникација со колегите, што најчесто ја прави работата забавна.
Дали имаш искуство со човечки ресурси во Македонија и која е разликата, таму и кај нас?
Сметам дека во Македонија има сериозни професионалци во полето на човечки ресурси кои можат да се носат рамо до рамо со сите во Европа. За жал, платите кои се нудат на овие професионалци се несоодветни, како и тренинзите за раководење со човечки капитал. Сепак, нашиот ”медитерански” менталитет ни овозможува да ги осознаеме луѓето на подобар начин и да ги разбереме сите предизвици околу фокусот, развојот и менталното здравје на професионалците. Од друга страна, тој менталитет понекогаш не спречува да донесеме објективни и трезвени одлуки околу севкупниот перформанс на истите.
Според тебе кои 3 совети би му ги дал на HR почетник?
1. Повеќе слушање – помалку зборување
2. Егото оставете го на прагот и надоградувајте се константно.
3. Имајте План Б, бидејќи пазарот некогаш знае да е нестабилен, а во тие моменти - регутерите “летаат” први.
Како треба да изгледа совршено CV за да ти го привлече вниманието?
Според мене, помалку е повеќе. Обожавам кога CV-то е максимум две страници со конкретно објаснување на работните задачи, потребните информации како образование, сертификати и јазици, но да бидат адаптирани според описот на работното место за кое аплицирате. На пример: нема потреба да ставите сертификат за хортикултура во CV со кое аплицирате за Менаџер на човечки ресурси.
Која позиција е најбарана во изминатата година, а која е најмалку?
Секако овде одговорот ќе го фокусирам на техничи позиции, бидејќи таму ми беше фокусот минатава година. Сметам дека позиции како DevOps, Software Architects и Machine Learning инженери беа најбарани, како и девелопери кои користат Typescript, Java, Rust и Go. Најмалку барани технички позиции според мене беа девелопери кои работат на PhP, графички дизајнери и менуал софтвер тестери.
И за крај која е твојата прогноза за најпотребни работни позиции во иднината, а кои работни позции би се избришале како постоечки?
Со развојот на технологијата секако се бришат доста работни позиции, меѓутоа и се раѓаат нови. Со напредокот на AI технологиите гледаме дека позиции како новинари, правници и физички работници во производство се намалуваат и може целосно да исчезнат за неколку години, но овој ризик важи и за некои ИТ позиции. Според светски истражувања сепак, менаџмент на човечки ресурси би била една од последните дисциплини кои би биле заменливи, дека нели се работи со луѓе а не технологија. Исто, дури и AI да замени целосно инженери, сепак ќе биде потребен човечки фактор за да ги тестира тие работи и пушти во продукција, така да со голема љубопитност ги пратам последните случувања и развивања како на пример развојот на алатки како Chat GPT.