Кажете ми нешто повеќе за вас?
Јас сум Аријана Коскарова, веќе една година со адреса во Мајами, САД. По професија сум претприемач, ко-основач на Creative Hub Македонија, Косово и САД. Creative Hub е центар за неформално образование со Академии за сите оние кои сакаат да променат или започнат кариера во дигитален маркетинг, човечки ресурси, програмирање, графички дизајн, UX UI.
Како жена која е успешен Претприемач, какви беа вашите почетоци, и со што се моравте да се соочите за да стигнете тука каде што сте?
Како и во секоја професија почетоците се тешки и многу неизвесни додека се изгради стабилен бизнис. Се сеќавам на еден совет кој ми го даде еден пријател, првите 5 години се тешки. И навистина беше така. Се соочувавме со најразличен број на предизвици, најчесто финансиски (секогаш ни беа потребни плус средства за забрзан раст), а потоа и човечки ресурси ( плус вработени, вработени со одредени вештини, да се задржи мотивираноста и продуктивноста, а да се даде слобода во работењето).
Моментално живеете на друг Континент, како успевате да го изменаџирате работното време онлајн, со бизнисот и академиите, кои ги работите?
На почетокот станував секој ден во 5 часот наутро, сега станувам во 7. Мојот дел од работата е координација со тимот. Но, со поддршката од мојот брат кој ги води бизнисите во Македонија и Косово добро функционираме.
Како се појави идејата за академијата CreativeHub и којa беше вашата цел?
Ние ја основавме Академијата во 2017 година, кога сеуште на пазарот фокусот беше на кратки курсеви. Целта ни беше да им дадеме вештини на луѓето и после Академијата да можат да променат работа и да започнат нов живот.
Со какви предизвици се соочувате во работата која ја работите?
Да се отвори школо како Creative Hub во САД е огромен процес на лиценцирање, кој трае од 8-12 месеци. Моите предизвици сега се во таа насока. Јас не сум имала некој да ме научи како се отвара бизнис во САД, како се лиценира па морам се да научам сама, чекор по чекор.
Remote или ON SITE? Што мислите вие, кое ќе преовлада во иднина?
Хибридно работење, иако трендот што го гледам во САД е дека голем број на компании почнуваат да ја враќаат културата на работа од канцеларија.
Аријана, според вашето искуство, што треба да поседува еден успешен HR регрутер?
И како претприемач и како предавач на Забрзаната програма читам статии од Harvard Business Review поврзани со процесите на регрутација и насоката во која ќе се движат во иднина. Како ментор на Забрзаната програма на Академијата за човечки ресурси со студентите работам Skills-Based Recruitment. А како маркетер знам и честопати да ја споредам позицијата на регрутер ( headhunting) со B2B Lead Gen Specialist. И двете позиции го бараат идеалниот кандидат односно клиент со слични Линкедин техники.
Но, ако ја замислиме позицијата на регрутер во фазата на одвивање на интервју, тогаш таа личност треба да знае како сегментира кандидати, да креира една позитивна средина во процесот на селекција, да знае да процени вештини и да биде детален во проверување на референци и портфолија ( доколку тоа се бара) .
И за крај, каквов совет би им дале на почетници кои сакаат да успеат како претприемачи?
Влезете во оваа професија само ако сте навистина подготвени да инвестирате се што имате, и финансиски и целосно. Да се биде претприемач е голема посветеност и одговорност, меѓутоа и наградата е голема доколку сте 100% вложени во неа.