Кажете ми нешто повеќе за вас?
Јас сум Верица Ристовска, мајка на две прекрасни деца и еден Златен Ретривер😊, ја сакам природата, уживам во убава музика и сум голем алтруист. Првиот циклус на студии го завршив на Филолошкиот факултет„Блаже Конески“, насока италијански јазик и книжевност и на тој начин започна мојата кариера како професор по италијански јазик, работејќи со хетерогени групи од слушатели, на сите нивоа. Во меѓувреме се запишав на посдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, каде магистрирав на смерот Менаџмет на човечки ресурси и еве веќе петта година во улога на Менаџер и регрутер во секторот за човечки ресурски ЕСИ – приватна агенција за вработување и посредување при врааботување.
Што најмногу ви се допаѓа во вашата моментална работа, а што не и која е вашата цел?
Најмногу ми се допаѓа работата со луѓе, шареноликоста на секојдневните ангажмани и предизвикот да се најде адекватно решение на секое барање на нашите соработници (работодавачи и работобаратели). Секако уживам и во можноста да постојано учам и се развивам и да запознавам нови луѓе од секоја бранша. Не ми се допаѓа кога треба да се јавам и да пренесам негативен резултат од регрутацијата. Но ,секако и тоа е дел од работата, и гледам секогаш да го пренесам на начин, кој понатаму не би го демотивирал кандидатот или да дадам конструктивни насоки, за како понатаму.
Со какви предизвици се соочувате секојдневно на работното место?
Бидејќи, како што напоменав, работиме со луѓе, предизвиците со кој се соочуваме секојдневно се разновидни, но ако треба да истакнам, можеби прилагодувањето во ново настаната ситуација е еден од најголемите предизвици со кој треба да се справиме.
Mожете ли да ми опишете еден ваш работен ден?
Немам некоја ригидна рамка во која можам да го ставам описот на еден мој работен ден. Но имаме некои ритуали, кои ми помагаат да ми тргне денот😊.
Секогаш пробувам да дојдам на работа со песна или насмеана и тоа да го пренесам на целиот колектив. Првото кафе го пијам пред компјутерот на моето биро и најпрво ги визуализирам тековните задачи и потоа почнувам да запишувам што следува. Во меѓувреме разговараме за тековните ситуации и ја распоредуваме работата со колегите од секторот, но и од другите сектори доколку е потребно. Најпрво започнувам со она што има најголем приоритет во моментот, а потоа секое наредно според ургентноста. Пред крајот на работното време, најчесто ги пишувам извештаите и проверувам дали сум одговорила на сите мејлови.
Кој или која беше инспирацијата за моменталното работна позиција и колку долго работите на неа?
Инвестицијата во човечкиот капитал во една земја е инвестиција во долгорочен и одржлив развој и придобивка за целото општество и би сакала да можам да придонсеам колку што можам повеќе во тоа.
Според вас кои се три меки и три тврди вештини кои треба да ги поседува секој ХР регрутер?
Хммм, искрено, не би можела да одвојам три најважни меки и тврди вештини, но можам да набројам што треба да поседува еден добар регрутер:
- Експертиза во градење на односи, пред се со работобарателите, но и со сите инволвирани страни во процесите на вработување;
- Силни комуникациски способности, под ова се подразбира да бидат добри комуникатори, но и да знаат да следат, поставувањето на вистинските прашања, да се фатат важните моменти во разговорот, се клучни за една успешна регрутација;
- Постојано да учат и да бидат со отворен ум, љубопитноста и желбата да се научи нешто ново е одлика на добар регрутер;
- Да имаат развиена разумна емпатија;
- Time management – бидејки регрутерите работат на повеќе позиции истовременто, способноста за мулти таскинг е пресудна за навремено и квалитетно завршување на работните процеси;
- Способност за работа под притисок.
Кога би имале моќ и би можеле да промените нешто во светот на човечките ресурси, што би било тоа?
Кога би имала моќ, би го променила гледиштето на светот кон човечките ресурси😊
Според тебе кои 3 совети би му ги дал на хр почетник?
Да биде внимателен слушател, постојано да чита и да се дообразува, да поставува многу прашања до своите ментори, да не избрзува со одговори или одлуки без да се консултира и секако да ги разбира луѓето и нивните потреби.
Како треба да изгледа совршено ЦВ за да ти го привлече вниманието?
Во моите очи едно убаво CV изгледа педантно и уредно, ги содржи сите информации кои ни се потребни за да го квалификуваме, да нема премногу непотребни описи, но и да не биде премногу сиромашно и секако содржината од истото да биде наменето за бараната позиција.
Интервјуер: Ирена Алексова