Сигурно досега сте слушнале дека поседувањето на сертификати, посебно ако сте без работно искуство, може да ви помогне да дојдете до подобра работа. Но, колку оваа информација е реална и вистинита?
Одговорот е: делумно да.
Во главно, сѐ зависи од тоа какви сертификати поседувате.
Кога аплицирате за одредена работна позиција не е важно само да ги додадете сите можни сертификати кои ги поседувате, туку да ги наброите оние кои се релевантни исклучиво за позицијата и компанијата каде аплицирате.
Пример, одредени работни позиции самите по себе бараат да поседувате некаква лиценца и истата е наведена како барање на огласот. Без таквата лиценца голема е веројатноста дека воопшто нема да ве повикаат ниту на едно интервју.
Понатаму, повеќето сертификати без разлика на тоа дали се релевантни за позицијата, можат да не бидат од никаква вредност. Во повеќето случаи, важноста на сертификатот зависи од кредибилитетот на институцијата од која сте го стекнале истиот.
Исто така, добро е да размислите за важноста на сертификатот лично за вас. Ако сте учеле напорно и сте стекнале одредена вештина благодарение на истиот, во голема веројатност од значење ќе биде и за потенцијалниот работодавач. Пред сѐ, затоа што тоа значи дека понатаму знаењето и вештините можете да ги демонстрирате и пренесете на потенцијалното работно место.
Што можеме да заклучиме?
Сертификатите можат да ви помогнат да дојдете до посакуваното место, но ако ги употребувате мудро.