“Сигурен сум дека голем дел од нас во слободно време размислуваме за својата работа, шефот и секако за клучниот момент наречен плата. Исто така би се опкладил дека ова е една од најсензитивните теми за разговор во однос на менаџерот која е должен да ја одреди рамката за плата”-Стив Кадиган.
Едноставна е вистината дека повеќето од нас веруваат дека се потценети во однос на платата. Тоа не би рекле дека е нешто лошо, туку дека е реално. Сепак, многумина од нас не се во состојба да направат разлика и да си признаат сами на себе дека тоа што го работиме е подеднакво важно како и чувството дека сме доволно платени за својот придонес за компанијата. Загриженоста околу платата ги прати вработените во текот на целата кариера. Сигурни сме дека тоа не е нешто ново, посебно за оние кои се во брак или имаат семејство – каде финансиите и материјалните добра се еден од најголемите извори на стрес. Постојат бројни информации дека ниските примања внесуваат стрес во брачниот живот и колку тоа всушност создава притисок во момент кога со својот претпоставен треба да ја започнете темата за зголемување на платата.
Она што некои од нас може да не изненади е дека што повеќе луѓето заработуваат, постојат зголемени очекувања за раст на платата во меѓувреме. Се сеќавам на разговорот со еден извршен директор кој ми се пожали на кандидатите кои доаѓаат на разговор за работа – сите барале високи плати. Тој одговорил : “Лицата кои доаѓаат на интервју би требало да бидат горди што ќе работат во мојата компанија, бидејќи ќе научат многу и би требало да бидат подготвени да работат бесплатно во име на фантастичната прилика”. Колку што добро го познавам човекот, не бев изненаден со неговиот став, но ме изненади понатамошното насочување на разговорот во делот на личен допринос за компанијата и зошто заслужува повисока плата што е контрадикторно на претходниот разговор.
Со оглед на сензитивноста на темата, во прилог следат шест предлози кои мудро би ги земале во вид кога би разговарале за својата работна позиција во контекст на зголемување на плата:
1) Дефинирајте ја својата цел пред разговорот со менаџерот и подгответе се
Бидете јасни во своите очекувања кога разговарате со својот шеф. Што сакате да постигнете? Која порака сакате да ја испратите? Кој би бил реален исход од очекувањата? Постои ли рок до кој би сакале да ја остварите својата цел? Кој би бил ваш одговор/реакција доколку одговорот биде “не” и дали сте подготвени за тоа? Имате ли веќе во предвид некој конкретен износ за покачување? Дали претходно имате разговарано на оваа тема со работодавачот и што сте научиле од тоа? Можете ли за тоа да разговарате со колегите кои претходно имале исти очекувања или се подготвуваат за ист разговор со надредените? Незадоволството за плата која ја примате не е доволно јасна стратегија која можете да ја изнесете пред својот шеф.
2) Дали сте убедени дека платата навистина Ви претставува проблем на работното место?
Пред средбата со менаџерот размислете за тоа дали е навистина зголемувањето на платата она што претставува проблем и ве мачи или Вашето незадоволство произлегува од нешто друго (однос со работодавачот, работната атмосфера, креативност во работата, работно време и сл.) Доколку причините за незадоволство се од друга природа, дали парите сами по себе се доволна компензација или сега ќе останете подеднакво несреќен вработен, но подобро платен вработен.
3) Одберете го вистинското време за разговор
Секоја компанија има одредено време кога ја актуелизира темата за зголемување на плата. Би било добро да знаете кога тоа се случува, како би можеле навремено да се подготвите. Разговорот би било добро да го иницирате пред почеток на циклусот за зголемување на плата иако знаете дека не сте во кругот на одбрани за зголемување на плата. Исто така, важно е да преговарате без да бидете лути или вознемирени. Друга важна работа е да имате на ум колку време е поминато од вашето претходно зголемување на плата или награда од било која врста. Размислете и за последните резултати кои сте ги оствариле, посебно доколку сте ги надминале поставените таргети и очекувања на надредените. Со други зборови, одберете време кога се што сте постигнале досега на работа биде видливо и важно, но тоа да биде пред времето кога менаџментот ќе донесе одлука за покачување на платата.
4) Бидете свесни дека ова е тешка тема и за вашиот надреден
Направете се што можете да наметнувањето на оваа тема не биде сфатено како закана, пречка во работењето или да го ставите вашиот надреден во непријатна ситуација, а најмалку треба тоа да го доживее како уцена. Обидете се да разберете дека и менаџерот за одобрување на зголемување на плата има ограничувања и бара одобрение од своите надредени доколку се работи за пообемна компанија, а доколку во прашање е помала компанија не секогаш работодавецот е во можност да ви ја зголеми платата иако би сакал да го стори тоа.
5) Пронајдете вистинско место за преговори
Кога е во прашање сензитивна тема како што е оваа канцеларија е најлошата можна локација одбрана за преговори. Размислете за тоа да одите со претпоставениот на кафе или ручек, каде би почувствувале соодветна атмосфера и многу поопуштено ќе можете да разговарате за темата.
6) Согледајте ја пошироката слика за платата
Една од најчестите грешки кои се случуваат кај луѓето врзано со прашањето за зголемување на платата е неспособноста за согледување на пошироката слика. Вашата плата во компанијата вклучува повеќе фактори. Зборуваме за нето плата која се содржи во бруто платата, потоа, флексибилно работно време, бенефиции од типот на службен телефон, автомобил, едукација, платени трошоци за превоз итн. Бидете сигурни дека добро сте размислиле за целиот пакет, а не само за еден дел од истиот. Ако не можете да преговарате само за платата, земете ги во вид компензациите кои ви биле понудени како слободни денови или други можности во однос на користење годишен одмор и сл. Понекогаш не е важна само платата, туку и другите облици на компензација кои ви се важни или може да ви овозможат подобар баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.
“Платата за мене не е пресуден момент, бидејќи претходно земав поголема плата, но немав баш добра работна атмосфера, сега сум задоволна од работната атмосфера и си одам дома среќна и задоволна” вели Ивана.
“Во огласите за работа често среќавам огласи кои немаат наведено плата, тоа од една страна е негативно поради тоа што незнам која рамка да ја поставам на интервјуто, но од друга страна тоа би значело дека работодавецот е флексибилен и дека би сакал првично да ги увиди моите компетенции, па да одредиме плата ”вели Бојан.
“Јас искрено не знам да преговарам за плата, важно ми е работодавецот да ја одреди и со тек на моето приспособување на работното место, таа да расте поради тоа што немам доволно работно искуство” вели Дијана.
“Секогаш кога барам работа се трудам да го извлечам највисокиот коефициент на плата поради тоа што можам да се потпрам на моите добро изградени вербални способности, одличен невербален говор и одлично претставување на интервјуто без присуство на трема” вели Маја.
Секогаш има простор за преговарање, но клучен момент е начинот на кој го барате покачувањето на плата, затоа потрудете се масимално да го извлечете најдоброто од своите комуникациски вештини за да бидете успешни во своите сегашни и идни барања.
Со среќа.