Пишувањето на прво резиме за пронаоѓање на првата работна позиција знае да биде навистина тежок момент за секоја индивидуа. Како прво, се соочувате со парадоксот дека треба да имате релевантно искуство за да пронајдете работа, а за да имате искуство, морате да најдете работа.
Потоа, се соочувате со уште потешкотија. На регрутерите не им требаат повеќе од 6 секунди за да донесат првичен заклучок околу тоа дали се заинтересирани за одредена личност или не, а тоа значи дека морате да знаете како да се издвоите од толпата.
Тоа значи дека морате да се потрудите да направите вашето резиме да изгледа одлично, а тоа можете да го направите ако земете предвид неколку важни аспекти околу тоа како треба истото да изгледа:
Во резимето не мора да го вклучите само вашето платено искуство. Добро е да вклучите и податоци околу тоа каде сте волонтирале, ако сте волонтирале, какви курсеви сте слушале и поминале, дали и какви лични проекти сте имале, какви предмети сте слушале, што ве интересира и останати слични работи кои сметате дека ќе го привлечат окото на лицето кое треба да одлучи дали ќе ве повика на интервју.
На тој начин ќе ги истакнете вашите лични достигнувања кои може да бидат релевантни за понатамошен успех на бараното работно место.
Постојат различни типови, форми и темплејти за пишување на резиме. За вас важно е да го пронајдете оној формат кој најмногу одговара на вашите потреби. Концентрирајте се на пребарување на примери и темплејти за луѓе кои штотуку стекнале средношколска или факултетска диплома.
Во главно, истите го потенцираат вашето образование или вашите лични карактеристики, наместо работното искуство кое секако, сѐ уште не сте имале можност да го стекнете.
Не се обидувајте да лажирате информации. Не измислувајте приказни. Најдобро е да бидете искрени и да се држите до оние способности и карактеристики кои реално ги поседувате, бидејќи секако, постои голема веројатност да бидете прашани за секоја запишана информација и да не оставите добар впечаток.
Преку предметите кои сте ги слушале, кои сами сте ги одбрале и преку тезата која сте ја пишувале можете со пример да наведете ваши способности кои во иднина сигурно ќе ви користат и за работното место. Пример, ако сте пишувале истражувачка теза, потенцирајте дека поседувате аналитички и истражувачки способности. Секако, доколку тоа се бара од работната позиција.