Зошто се чувствуваме преморени после вообичаените 8 часови поминати на работното место? Зошто кога се враќаме дома едноставно не сме способни да правиме ништо друго, освен да легнеме во кревет и да одмораме?
Веројатно ќе помислите, одговорот е логичен, преморени сме заради физички причини – не сме спиеле доволно, напорно сме работеле, 8 часови работа и постојана посветеност се заморни…
Но, Елиот Беркман, професор по психологија од Универзитетот на Орегон, вели дека мал број од нас имаат работни места кои физички преморуваат, туку дека постојат психолошки фактори кои нè изморуваат.
Физичкиот напор не гарантира дека на крајот од денот ќе бидеме преморени. Ако сте фармер, градежен работник или општ работник кој цел ден го поминува во товарење и истоварање, тогаш физичкиот напор дефинитивно е причина за вашиот премор.
Во други случаи, како што потенцира Беркман, преморот најчесто има психолошка основа.
Една од главните причини за премореност се интензивните емоции. Психолозите емоциите ги делат во две димензии – позитивни/негативни емоции и емоции со низок интензитет/емоции со висок интензитет. Со други зборови, емоциите можат да бидат позитивни, оние кои нè смируваат и нè одржуваат во позитивно расположение, или негативни како кога сме гневни или тажни. Исто така, емоциите можат да бидат со висок интензитет, како кога сме гневни или со низок интензитет кога сме смирени.
Интензивните емоции лесно можат да нè „истрошат“ на крајот од денот. Не станува збор само за фрустрацијата и гневот кои ги чувствуваме, туку и на фактот дека често сме под стрес за да ги завршиме работните обврски по дејство на големи количини на кофеин и адреналин.
Покрај негативните емоции, во западните култури најчесто се потпираме на позитивните емоции со висок интензитет за да го мериме својот успех, односно ние ја цениме неизмерната среќа, за разлика од азиските култури кои ги ценат емоциите со низок интензитет како смиреноста.
Убедени сме дека позитивните емоции со висок интензитет ни се неопходни за да успееме на работното место, посебно за да водиме, менаџираме и влијаеме на останатите вработени.
Овие емоции кои се со висок интензитет психолошки нè трошат, без разлика дали се позитивни или негативни. Се активира одговорот на стрес на телото, отчукувањата на срцето се забрзуваат, жлездите за пот се активираат и лесно се вчудоневидуваме. Бидејќи се активира одговорот на стрес на телото, возбудата го „троши“ нашиот организам, а ако станува збор за долготраен продолжен стрес, дури се намалува и имунитетот.