Работохолизмот е зависност која за разлика од другите форми на зависност е високо вреднувана, очекувана, аплаудирана и барана. Знаците кои укажуваат на појавата на овој синдром се: прекувременото работење, постојаното споредување со другите за извршената работа и постигнувањата, како и неспособноста да се одбијат барањата за работа.
Сепак, иако појавата на овие знаци укажува на постоењето на овој синдром, сепак не сите работохолици имаат еднакви карактеристики. Во организациите најчесто се појавуваат следните видови на работохолици:
Фаталист: овој тип на работохолик поседува високи стандарди за сопствениот професионализам, висока нетолеранција на некомпетентност, преголема приврзаност кон организацијата во која работи и исклучителен талент со специфични вештини кои се барани на пазарот на трудот.
Повремен: личност која не е работохолик, но може така да се однесува само во ситуации во кои има можност да добие парична награда и престиж за вложениот напор.
Ситуациски: работохолизам кој не е побуден од психолошки причини или награди, туку е едноставно баран и неопходен од страна на организацијата.
Псевдо работохолик: тој е некој кој може да изгледа како работохолик, но нема вистинско ниво на посветеност и приврзаност кон работата и организацијата како во првиот пример.
Избегнувач: некој кој останува во канцеларија не затоа што е приврзан и посветен на работата која ја работи, туку тоа му е средство за избегнување на социјални настани и врски.
Религијата на работохолиците се состои во тоа што тие се загрижени кога иднината е безнадежна и беззначајна. Тие ретко забораваат, им недостасува чувство за хумор, чудење и стравопочит. Тие се зависни од својата работа, така што би жртвувале сe` останато само за да работат. Тие се луѓе кои поседуваат интринзична мотивација и чии работни навики ги надминуваат барањата на работата и очекувањата на луѓето со кои работат и на луѓето за кои работат. Тие се енергични, компетитивни и посветени, имаат големи сомнежи во себе си за тоа дали се доволно успешни, преферираат да работат наместо да одмараат, можат да работат на секое место во секое време и не прават разлики помеѓу работата и задоволството. Бидејќи нивната работа истовремено претставува и нивна страст, тие не чувствуваат потреба да земат одмор од неа. Често пати пред да одат на годишен одмор им се јавува чувство на анксиозност, пропратена со чувство дека ќе ја изгубат контролата над својата работа. Традиционалните форми на рекреација за нив претставуваат губење на време и за нив се несфатливи. Празниците ги доживаат повеќе како непотребен проблем отколку што се радуваат на нив. Но и покрај тоа што се постојано имаат сомнежи во себе за сопствената успешност, тие ретко доживуваат незадоволство и претежно се чувствуваат среќни, исполнети и компетентни во својата работа благодарение на интринзичната мотивација.
Доколку самите се препознавате во овие описи или познавате некоја личност која е зависна од својата работа, следат неколку совети за тоа како да го намалите притисокот и да го зголемите задоволството во моменталниот стил на живот.