Следењето на прогресот на остварување на личните цели вклучува периодично споредување на моменталните остварувања со посакуваниот стандард.
Звучи комплицирано, но во реалноста е едноставно – имаме одредени замисли, си поставуваме одредени цели и следиме колку и дали воопшто ги остваруваме замислените цели.
Првиот дел од процесот звучи возбудливо. Секој е расположен да фантазира и фантазиите потоа да се обиде да ги рационализира и претстави во цели кои реално можат да се остварат.
Но, како што сите ние многу добро знаеме, замислувањето и поставувањето на личните цели и нивното остварување се сосема различни работи.
Истражувањата тврдат дека имаме подобра шанса да ги оствариме замислените цели, ако го следиме прогресот на нивно остварување. Тоа подразбира периодично запишување на постигнатите работи и споредување на она што е запишано со замислените цели.
Бенџамин Харкин и неговите колеги решиле да направат мета анализа и да увидат како и дали следењето на целите води кон нивно сигурно остварување.
Од ригорозните експерименти направени на основа на 133 претходни истражувања, тие откриле неколку работи:
Следењето и запишувањето на целите не доаѓа природно, туку мора да се мотивирате да го остварите
Истражувањето покажува дека луѓето природно немаат одредена интуиција да ги следат своите постигнувања. Немаат потреба постојано да ја мерат, пример својата тежина или колку успеале да заштедат. За да го прават тоа, мораат да најдат лична мотивација.
Следењето на целите е подеднакво важно како и постигнувањето на самите цели
Истражувањето открива дека следењето на целите има мал до умерен ефект на постигнувањето на целите, односно дека следењето е подеднакво важно како и одлуувањето на тоа кои се вашите цели.
Зошто следењето на целите прави разлика?
Кога го мониторирате прогресот кон остварување на вашата замислена цел свесно и намерно се фокусирате на вашето однесување како и на посакуваниот исход од тоа однесување.
Замислете дека вашата компанија сака да ја намали употребата на хартија. Ако ги мотивирате вработените да запишуваат колку хартија употребувале секој ден, поголема е веројатноста дека на крајот ќе ја добиете посакуваната цел, односно дека ќе ја намалите употребата на хартија.
Истражувањето понатаму вели дека постои разлика и во тоа како го следите вашиот напредок. Физичкото следење има далеку поголемо влијание на исходот од менталното, односно секогаш е подобро да го запишувате вашиот прогрес, отколку само ментално да го следите.
Што можеме да заклучиме?
Без разлика дали сте индивидуа или организација, доколку сакате да имате прогрес и да ги остварувате замислените цели, секогаш е добро да го следите процесот на остварување на целите. Дополнително на тоа, најдобро е следењето да биде некаде запишано.