Успешен е оној човек кој успеал да ги достигне своите цели и да живее според своите идеали. Општеството, најчесто успешните индивидуи ги поврзува со материјалните добра кои ги поседуваат. Инаку, борбата за да се стигне до скалилото на успехот е многу тешка и цело време ќе бидете под притисок за да се откажете. До успехот може да се стигне само со многу труд, многу вложување енергија и многу волја!
Успехот се мери преку повеќе параметри и тоа: перформанс, професионализам, тимска работа, стекнато искуство, знаење, одговорност, флексибилност, динамичност, креативност, остварување на цели, способности, вештини, услужност, квалитет, концепт, доверливост итн.
Концептот на Агенција ЕСИ е првично да се направи генерален профил на кандидатите за желбата и мотивираноста за работа. Да се утврди дали одбраното занимање соодветствува со потребите на кандидатот , дали би му причинувало задоволство работниот ангажман и колку е возможно (побарувано од страна на работодавците) да се вклучи на пазарот на труд.
Доколку професијата е побарувана, лицето многу полесно и без многу вложен труд може да дојде до успешно вработување во некоја компанија. Некогаш и пронаоѓањето работа е еден долготраен процес низ кој кандидатот треба да помине самостојно, да се самомотивира, самопрезентира, да се избори да се истакне пред другите кандидати со своите квалитети, а некогаш дури и да почека за да се отвори слободно работно место за вистинската и за него професионално исполнувачка позиција.
Огласите за работа не вклучуваат едукација за тоа како би требало да се однесуваме на работното место во компанијата, ниту пак каква работна етика не очекува во иднина, па затоа би било убаво да бидеме подготвени за различни ситуации, да поседуваме високо ниво на толеранција, флексибилност и способност да се адаптираме. Вистинското адаптирање на лицето кое се стекнало со нов работен ангажман може да се одвива во различна временска рамка. Но, затоа не би требало да се демотивирате доколку не стекнете доверба кај Вашиот работодавач во првите неколку недели…тоа можеби е “затишје пред бура” и наскоро ќе ги увидите резултатите од напорната работа, а со тоа и ќе ја заслужите почитта и довербата, а зошто да не и наградата за Вашиот напорен труд.
Напорната, стресна работа, работата под притисок и повремено некој незадоволен клиент може да не доведе во стадиум да си помислиме дека не би можеле да се сметаме себеси за доволно успешни, но тоа не би требало да дозволиме да влијае над самодовербата, себевреднувањето и самопроценката со негативна референца. Напротив, секој неуспех би можеле да го сметаме како дополнителна мотивација за конструктивно насочување на енергијата и прикажување на одлични резултати. Повеќето од луѓето се песимисти и ги преживуваат неуспесите премногу длабоко и се чувствуваат очајно, но затоа пак оптимистите со многу позитивен став гледаат на нештата и се радуваат и на секој мал чекор и напредок и знаат дека некогаш нештата не зависат од нив, но со тек на време учат како да се подобрат и да бидат се позадоволни и поефикасни во работата.
Вработувањето во големи компании опфаќа комуникација со колешки и колеги од различни сектори и бара поголема кооперативност во однос на извршување на една работна задача, а додека пак помалите компании располагаат со помалку ресурси и секој вработен има одговорна улога, а се случува и да треба во склоп на работните задачи да помогне на некој од останатите во тимот. Правилно распоредување на работните задачи, прецизното работно време, навремената материјална надокнада, позитивната работна атмосфера, разбирање и поддршка меѓу вработените и претпоставениот се клучни фактори да многу вработени се чувствуваат задоволни и да го даваат максимумот од себе на работното место, па дури и не сакаат да ја променат компанијата иако им се нуди поголема плата на друго работно место.
Оние кои што нудат работа доколку ги земат во вид сите параметри кои се потребни за да вработените бидат задоволни, би било многу полесно да ги задржат своите вработени и да се потпрат на нив како лојални и доследни работници, а тоа значи доколку работникот вложува во себе, се надградува, се труди да оствари приходи на компанијата на проактивен начин, ги задржува старите и стекнува нови клиенти, би било убаво сиот тој труд да се увиди и да се награди со бонус, стимуланс, покачување на плата, слободен ден и сл.
Некогаш забавно поминатото време на работа е непознат термин, зададената грижа и одговорност не тера да се оптеретуваме и со непотребни нешта, неподготвеноста да се одговори на многубројните работни задачи, импулсивното реагирање, потешкотиите, нередот , чувствителноста доведуваат до негативни последици врз работата. Но, затоа пак треба отворено да се разговара со претпоставениот, да се обратите до службата – човечки ресурси, да допринесете во изразување, препознавање на проблемот, а потоа доколку сте во можност и да учествувате во решавањето на истиот поради што би Ве ценеле многу повеќе на работното место и би оставиле впечаток дека навистина сте ангажирани и посветени на работата. Додека некои колеги лесно воспоставуваат комуникација, имаат развиено социјални вештини и емпатија, на некои пак им е тешко да пристапат, чувствуваат анксиозност и отпор да разговараат отворено за својата работа, потребите кои се јавуваат тековно и не би можеле туку така едноставно да ги истакнат своите ставови во врска со одреден проблем кој се јавува на работното место. Затоа е многу важно транспарентно да се вклучат сите вработени во процесот кој се нарекува заедничко работење и постигнување успех.
Немањето доверба, разговорите за личност која е отсутна, ставањето етикети и грубите процени можат многу лошо да влијаат врз вработените, при што би се чувствувале загрозени и исплашени и би можеле за брзо време да го напуштат работното место или веднаш да бараат ново. Затоа треба да се има отворен , транспарентен и еднаков однос кон сите вработени.
Најпрво , работодавецот кој има компанија и има потреба и од други работници/соработници, треба да поседува одредено ниво на емпатичност поради подобро разбирање на своите и туѓите потреби, потоа да поседува коректност, едноставно да биде пример за останатите и да ја оствари својата замисла, идеја и цел на начин при кој сите би биле задоволни и среќни, земајќи во вид дека истиот бил некогаш обичен работник кој се борел за својот професионален успех.
Процената на вработениот кадар е многу тешка. Иако некогаш се употребуваат бројни тестови за психолошка, професионална и здравствена процена, неможе се да знаеме како би останале коректни 100% и кон едните и кон другите; но затоа пак може уште во самото формирање на тимот да се истакнат правила на однесување и да се спречат понатамошните незадоволства во однос на градење на односите. При градење на односите еден од најважните фактори се условите на работното место, придобивките од работата и секако на крај задоволството од работа.
Секој човек цели кон поубава и посакувана работа, при што секоја секунда на работа би му причинувало задоволство, но не секогаш е тоа очекување реално. Постојат луѓе кои во својата професионална определба не одбираат да го реализираат “сонот од детството” кое би понатаму знаат дека ќе ги натера да се вложуваат емоционално и пристрасно и затоа се насочуваат кон сродна дејност каде би можеле енергично да се вложат, но да не вклучуваат лични побуди и чувства кои ги реалзираат во своето хоби. Ништо од ова не е погрешно се додека лицето е свесно за своите потреби и професионална насоченост. Затоа во скоп на потребите за вработување некогаш е потребно и да се пренасочи лицето кон друга дејност која би му донела повеќе приходи, задоволство од работа и пријатност.
Преголемиот обем на обврски не секогаш значи дека може да се реализираат за кратко време, очекувањата од себе да ги завршите перфекционистички и во краток рок може да ги намалите со тоа што би одредиле приоритети и би почнале полека , но сигурно кон релизација на истите.
Влијанието на расположението на претпоставениот и колегите би можеле да доведат до олеснување или отежнување на работните обврски, затоа е пожелно во компанијата да се креира работна атмосфера во која тимот би соработувал и би причинувал олеснителна околност во многубројните обврски кои ве очекуваат.
На крајот од денот е многу важно вие самите да сте задоволни од она што го работите, да завршите во даден временски рок одредени обврски и сето тоа да е ефективно за компанијата во која сте ангажирани, но и никогаш да не се заборавите себе си и своите потреби, иако кај зависниците од работа многу тешко оди процесот на чувствување на успех од работата. Тие се насочени кон постојан успех и невреднување на моментално сработената задача. Кај нив задоволството од работа е врзано со големи потфати и нерешливи ситуации, кои би ги обавиле за да се чувствуваат дека се корисни на работното место, односно не се во контакт со емоциите на доживување на успех иако имаат одлично сработено работна задача. И тоа не е погрешно се додека тие се чувствуваат удобно во улогата која сами си ја наметнале или им била наметната од страна на тимот или претпоставениот.
Многубројните тим-билдинзи, креирање на атмосфера на поддршка, средбите после работа и испиеното кафе на паузите со колегите влијае позитивно врз целокупната работна атмосфера. Ова се некои активности во кои не морате да бидете вклучени, секако по сопствен избор , но доколку имате време да одвоите би било одлично доколку и понатаму се гледате себеси во онаа компанија која сте ја одбрале. Затоа бидете внимателни кога ја бирате својата потенцијална или моментална компанија. Распрашајте се, бидете со реални очекувања и постојано надградувајте се, при што успехот и задоволството од работа е загарантиран.